Да ги запознаеме слепите 2014 - Завршен

Слепите лица во Македонија живеат за остварување на визијата за подобар свет во кој ќе се почитува достоинството на секое лице, ќе се негува толеранцијата и меѓусебното уважување и помагање во кој на секој ќе му се дадат еднакви можности, во кој да се биде слепо лице не значи “помалку вреден”, туку “различен”.

Водени од овие мотиви, Здружението “Pink Support” во соработка со здружението “Светот на Дланка” планира да го реализира проектот “Да ги запознаеме Слепите” по повод годинешно одбележување на 15 Октомври - Меѓународниот ден на белиот стап.

Преку проектот ќе се настојува да се уриваат колку што може предрасудите кон слепите и слабовидните лица. Во рамките на проектот ќе биде информирана јавноста за промена на негативните ставови на околината кон лицата со инвалидност во позитивни и зголемување на постојното ниво на вклучување на слепите лица во општествениот живот на заедницата, т.е да се работи на интеграција на слепите лица во општеството.
На тој начин ќе се помогне не само да се демистифицира слепилото, туку ќе се придонесе слепите лица да станат активни членови на заедницата.

Учесниците во проектот ќе настојуваат да ги разбијат предрасудите кон слепите и слабовидните лица. Токму тие предрасуди се еден од најголемите проблеми со кои слепите и слабовидните лица се среќаваат и им се најголема пречка за нивното вработување.

Проектите на Pink Support се развиваат со посебно внимение на потребите кои ги имаат луѓето и групите на кои им се наменети. Тие се дизајнирани да ги задоволат нивните потреби и да понудат решенија. Отворени сме за партнерство со организации и институции кои имаат иста мисија како нас.

Целта на овој проект е да се прифатат слепилото и слепите лица како корисен дел од популацијата. Иако преку ноќ неможе да се дочека целосна рамноправност, ќе се обидеме да придонесеме да се намалат предрасудите и барем делумно да помогнеме во остварувањето на сните на слепите лица.

Прво скалило до таа цел е едуцирање на пошироката јавност, а наредното е вработувањето. Токму остварувањето на егзистенцијата е главен предуслов за можноста на избор на животните алтернативи и превземање на сопствениот живот во “свои раце”.

Очекуваме реакциите на јавноста да бидат исклучително позитивни.

Дел од собраните средства ќе одат за лекување на Гоце во Русија, како и друг дел за обучување како да се работи со апликации за паметни телефони за помош на слепото лице.